
ВО ЧЕСТ НА ХУМАНОСТА – ПРИЗНАНИЈА ЗА ЈУБИЛЕЈНИ КРВОДАРИТЕЛИ

Вчера во Спомен дом АСНОМ – Делчево се одржа свечен настан посветен на крводарителите – луѓето кои со својата хуманост и несебичност секојдневно спасуваат човечки животи.

Настанот беше организиран по повод 17 Март – Денот на крводарителите во Република Северна Македонија и 14 Јуни – Светскиот ден на крводарителите, денови кои го истакнуваат значењето на доброволното и безнадоместно дарување крв.

Како покровител на настанот, Општина Делчево уште еднаш ја потврди својата континуирана поддршка на крводарителството и хуманите активности, давајќи значаен придонес во развојот и унапредувањето на крводарителството во нашата општина.

На свеченоста беа доделени плакети и благодарници на јубилејните крводарители кои достигнале 50, 75 и 100 крводарувања, како признание за нивната долгогодишна хуманост и несебична посветеност.

Исто така, благодарници им беа врачени и на крводарителите кои достигнале 5, 10 и 25 крводарувања, во знак на почит и благодарност за нивниот придонес кон спасувањето човечки животи.
Искрена благодарност до сите крводарители кои со својата хуманост покажуваат дека една дарувана единица крв може да спаси повеќе животи. Вашата несебичност е пример и инспирација за целата заедница.












































