
ИНВЕСТИРАЊЕ ВО МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ И ПСИХОСОЦИЈАЛНАТА БЛАГОСОСТОЈБА НА МЛАДИТЕ!
Во просториите на Општинската организација на Црвен крст Делчево се реализираше обука за едукатори за ментално здравје, на која учествуваа пет волонтери од ООЦК Делчево, веќе обучени како општи врснички едукатори.

Обуката ја спроведе психологот Ирена Димитровска, со цел надградба на знаењата и вештините на волонтерите за препознавање на предизвиците поврзани со менталното здравје, обезбедување врсничка поддршка и поттикнување отворена комуникација меѓу младите.

Активноста е дел од проектот „Унапредување на менталното здравје и психосоцијалната благосостојба на младите“, финансиран од Општина Делчево.

Во наредниот период, преку проектните активности, обучените едукатори ќе реализираат едукативни работилници, интерактивни активности и кампањи за подигнување на свеста кај младите за значењето на менталното здравје, јакнење на личните и социјалните вештини, намалување на стигмата и создавање средина во која секој млад човек ќе се чувствува прифатен, поддржан и охрабрен да зборува за своите чувства и предизвици.

Бидејќи грижата за менталното здравје започнува со разбирање, поддршка и меѓусебно охрабрување!![]()












































